Ковачевски – Шолц: Германија ја очекува Северна Македонија во ЕУ, со државничка одлука да се продолжи по европскиот пат
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше куса средба со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во рамки на настанот за одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк...

Премиерот Димитар Ковачевски имаше куса средба со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во рамки на настанот за одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.
На средбата е нагласено дека Германија ја очекува Северна Македонија во Европската Унија посочувајќи на фактот дека евроинтеграциите и европскиот пат се најдобрата и единствена алтернатива за земјата. Државничката одлука која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигури квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, како што е оценето, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Северна Македонија, ниту на регионот и Европа.
Премиерот Ковачевски се заблагодари на канцеларот Шолц за огромната поддршка која ја добиваме од Германија во демократскиот, евроинтеграцискиот и економскиот развој на нашата земја. Истата е јасно пресликана и во усвоената резолуција од страна на германскиот Бундестаг со која се потврдува нашата заложба за забрзана евроинтеграција со потврдени и признаени македонски јазик, култура и идентитет „Ова е потврда за искреното разбирање што го има нашиот голем пријател, Сојузна Република Германија, за потребите и националните и стратешки интереси на македонските граѓани“, рече премиерот Ковачевски на средбата со канцеларот Шолц, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
