Лошите временски услови носат поголеми трошоци за земјоделците
Задоцнетата пролетна сеидба нема да предизвика штети доколку во наредниов период се подобрат временските услови, сметаат познавачите. Но, земјоделците од полошкиот регион очекуваат ниски приноси особено кај тетовскиот грав и зголемени трошоци за заштита на земјоделските култури...

Пролетната сеидба во полошкиот регион започна со задоцнување од речиси еден месец пради обилните врнежи изминатиов период. Тоа, според земјоделците, е една од причините поради кои очекуваат слаби приноси особено кај тетовскиот грав.
Раната пролет го намамила цутот кај овошките, а потоа ниските температури во голема мера го уништиле. Големите температурни разлики во текот на едно деноноќие придонесуваат за развој на болести.
За да успее сеидбата на некои од градинарските култури, пак, потребна е посува почва со соодветна температура.
„Оваа година межеме да предвидиме, а и тоа се гледа, дека ќе има добри приноси кај наситите од компир бидејќи има добра влага и има услов таа култура да даде свои позитивни резултати, ни и за неа ќе треба дополнителни средства за заштита“, изјави Станоје Глишиќ, земјоделец.
Нема штети по есенските посеви, освен кај фуражните култури, велат од Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството. Од таму смируваат - задоцнетата пролетна сеидба нема да предизвика штети.
„Во принцип, задознувањето со сеидбените работи од 10 до 15 дена не прави никаква штета, доколку бидат благопријатни временските услови во наредниот период“, смета Бранко Карапејоски, агроном - инжинер по полјоделство.
Кај овошките, пак, сметаат дека од ниските температури можно е да настрадале праските, но само во одредени региони. Другите овоштарници тврдат дека се безбедни.
Познавачите сметаат дека ваквите временски прилики нема да донесат големи штети, но ќе значат дополнителни трошоци за заштита на земјоделските култури.
Зоран Јованоски
