Зголемен бројот на мозочни удари како последица на климатските промени
Состојбата од април, кога на нервното одделение при штипската болница беа примени 110 пациенти со мозочен удар, во мај очигледно ќе биде надмината. Алармантно е што со состојбата се зафатени пациенти од помлада возраст. Очигледно е дека временските неприлики имаат огромен удел...

Есенскиот мај удри по здравјето. За само една недела повеќе од 20 пациенти со крварења во мозокот завршија на Нервното одделение, во Штипската клиничка болница, што е за 15 отсто повеќе од вообичаеното:
„Последнива денови имаме регистрирано зголемена фреквенција на пациенти, а што е најкарактеристично има пораст на хеморалгични импути“, изјави д-р Елена Личкова, невролог.
За жал, кандидати за потенцијални пациенти на Нервно има и други, зашто променливото време на многумина опасно им го покачи притисокот.
„Секоја промена на времето ми го покачува притисокот, имам вртоглавици и не се чувствувам добро... Имам впечаток како да се гушам, особено ако сум во затворена просторија“, велат случајно анкетираните пациенти.
Освен дијагнозата, алармантна е и возраста на пациентите. Некогашната граница од 60, сега е спуштена на загрижувачки 40 и помалку години.
На времето не можеме да влијаеме, но што можеме да направиме за да си го заштитиме здравјето.
„Најважно е пациентите со кардиоваскуларни заболувања да се контролираат редовно, зашто несосодветно лекувани болести од овој тип, се најризични за појава на мозочни удари“, вели д-р Личкова.
Инаку, од почетокот на годината, досега најголема фреквенција на пациенти на Нервното одделение во Штип имало во април. Тогаш вкупно биле хопситализирани 110 пациенти од источниот регион.
Оливера Жежова
