Руско - украински конфликт

Нов руски напад врз Лавов, има загинати

19.09.2023 12:33

Напад на руско беспилотно летало над украинскиот град Лавов. Во Њујорк обраќање на американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Зеленски пред светските лидери. Меѓународниот суд во Хаг втор ден ги сослушува аргументите на Украина и Русија за можно кршење на конвенцијата за геноцид…

Напад на руско беспилотно летало над украинскиот град Лавов. Оштетен е магацин, има повредени. Дваесет и седум, од триесет дронови Шахед, биле пресретнати синоќа низ Украина, стои во извештајот на воздухопловните сили. Жестоки битки и натаму се водат во Бахмут. Според истрага на „Њујорк Тајмс“, нападот од 6-ти септември во источна Украина во кој загинаа 16 луѓе, бил предизвикан од пренасочена украинска ракета. Секретарот за одбрана на САД ги повика лидерите да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана за Украина.

„Воздушната одбрана спасува животи. Мораме да продолжиме да притискаме силно за да и обезбедиме на Украина системи за воздушна одбрана и пресретнувачи кои ѝ се потребни. Тенковите Абрамс за кои претходно се обврзаа САД, наскоро ќе влезат во Украина. Нашата посветеност на Украина не е само за времетраење на една кампања. Тоа е посветеност на долгорочна безбедност во Европа и пошироко“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

На маргините на Генералното собрание на ООН, Г7 ја повика Кина да изврши притисок врз Русија, да ја запре војната во Украина. Во Њујорк обраќање на американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Зеленски пред светските лидери. Мирот во Украина е приоритет за Обединетите нации, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Борел. В четврток Белата Куќа најави средба Бајден-Зеленски.

„Ја поддржавме Украина пред воената агресија и ние работиме за праведен мир. И тука е моментот да го направиме тоа. Сакаме да продолжиме да работиме со Украина за да обезбедиме широка поддршка за нејзината формула за мир, од што е можно повеќе членки на Обединетите нации“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Во Хаг, втор ден од седницата на Меѓународниот суд на правдата, откако Украина поднесе тужба до Трибуналот во која тврди дека Москва ја злоупотребила Конвенцијата за геноцид, за да ја оправда својата инвазија минатата година.

„Русија води војна против мојата земја, во име на оваа страшна лага дека Украина врши геноцид врз сопствениот народ. Во текот на изминатите 573 дена Русија му покажа на светот, она што Украина веќе го разбра. Русија не го почитува меѓународното право“, изјави Антон Кориневич, претставник од Украина.

Русија вчера го нарече случајот „злоупотреба на процесот“. Адвокатите на Кремљ инсистираат на тоа дека судот нема јурисдикција и дека конвенцијата за геноцид не може да се користи за регулирање на употребата на сила од страна на нациите.

 

Маријана Димовска