Брачното советување- табу тема за прилепчани
Прилепчани повеќе ги посетуваат советувалиштата за лекувани алкохоличари одошто брачните советувалишта. Или се си знаат за предизвиците во брачната заедница или сметаат дека проблемот прво треба да се случи па да се бара решение...

Прилепчани не сакаат да одат во брачно советувалиште. Иако оваа институција, во Прилеп функционира од почетокот на месец април, досега ниту еден брачен пар не заминал на советување со стручните служби од Центарот за социјална работи, иако биле поканувани.
Советувалиштето функционира на доброволна основа и токму затоа експертите сметаат дека една од причините за оваа ситуација е тоа што менталитетот на граѓаните е да одат таму каде законски мораат да бидат присутни.
Сега ќе правеле поголем промоција и кампања.
„Сите сметаат дека се добро информирани и дека нема потреба од дополнителни информации или разговори. Да се дојде во советувалиштето и да се поразговара не значи дека треба да се има огромни проблеми во бракот. Едноставно некогаш треба да се информираме за нашите права и обврски“, изјави Снежана Јованоска, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Психолозите пак велат дека кај нив граѓаните постојано доаѓале доколку имаат проблеми во бракот. Како пример го посочуваат и брачното советувалиште кое функционира во клубот за лекувани алкохоличари.
„Во тој клуб сопругите на луѓето кои имаат проблем со алкохолот редовно доаѓаат да се интересираат и да нивелираат тие нивни односи за време на апстиненцијата и за време на рецидивниот период и периодот на кризи. Тој клуб дури има и своја патронажна служба“, вели Јован Велески, Специјалист по медицинска психологија.
И граѓаните мислат дека брачните советувалишта не треба да бидат табу тема.
„Треба да се посетуваат тие советувалишта, бидејќи ќе им бидат од голема помош на брачните парови кои имаат свои проблеми, а особено на денешните млади брачни двојки“, велат граѓаните.
Експертите велат дека во денешно време е благодет да се сочува фамилијата, во која се одгледуваат децата, а кои доколку има нерешени проблеми ги доживуваат најголемите трауми.
Дарко Штаргоски
