Македонија

Измените на Кривичниот законик се штетни за справувањето со корупцијата

19.09.2023 14:23

Граѓаните не можат да ги разберат измените на Кривичниот законик поради скратената постапка. Се злоупотреби и европското знаменце, вели Роберт Хејзлет од Националниот демократски институт. Според Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциска, во јавноста се дебатира отпосле, комисијата немала увид во предложените амандмани…

Измените на Кривичниот законик се несреќно донесени, немаше сериозна дебата – оценуваат од американскиот Национален демократски институт. Оттаму повикаа во иднина да се избегне злоупотребата на европското знаменце.

Антикорупциска не се согласува со тврдењето дека единствено со намалување на казните ќе има поширока конфискација на нелегално стекнатиот имот, велат тоа и досега беше можно. Оттаму предупредија на опасноста од застарување на делата за висока корупција.

„Во ваквите решенија ние можеме само да им пренесеме порака на коруптивните ликови во државата дека корупцијата им се исплати“, изјави Билјана Ивановска-претседател на Државната комисија за спречување корупција.

„Еве го списокот на постапки иницирани од Специјалното јавно обвинителство за кои ќе настапи апсолутна застареност, и повеќе од 80 лица коишто се обвинети во овие предмети нема да бидат кривично гонети понатака“, нагласи Александра Цветановска-претседателка на Македонското здружение на млади правници.

Власта, пак, е со став дека кога застареноста ќе биде пократка, судиите и обвинителите побрзо ќе работат и ќе има проширена конфискација. Од правда категорично демантираат дека има политички пазар за процесот на носење на уставните измени.

Ирина Гелевска