Индија протера канадски дипломат
Њу Делхи протера висок канадски дипломат само неколку часа откако Отава протера индиски, поради убиството на активист на сиките во близина до Ванкувер. Министерството за надворешни работи на Индија ги отфрли обвинувањата на канадскиот премиер Џастин Трудо...

Индија го возврати ударот на Канада. Само неколку часа откако Отава протера индиски дипломат со образложение дека е поврзан со убиството на лидерот на канадските сили во британска Колумбија, властите во Њу Делхи протераа врвен канадски дипломат. Канадскиот премиер Трудо изјави дека разузнавачките агенции во текот на изминатите неколку недели активно ги следеле наводите за потенцијалната врска меѓу агентите на владата на Индија и убиството на канадскиот државјанин Хардип Синг Ниџар, кој беше убиен на 18 јуни пред културниот центар на сиките во Сари, британска Колумбија.
„Ја изразив својата длабока загриженост лично и директно кај премиерот моди. секоја вмешаност на странска влада во убиството на канадски граѓанин на канадска почва е неприфатливо кршење на нашиот суверенитет“, изјави Џастин Трудо - премиер на Канада.
„Доколку овие наводи се докажат, тоа би било сериозно кршење на нашиот суверенитет“, рече Мелани Џоли - министерка за надворешни работи на Канада.
Водачите на заедницата на сиките во Канада бараат правда.
„Ако Канада всушност изјавува дека Индија е вистински актер во ова, мислам дека тоа е првиот чекор кон признавањето и правдата. Но, сè додека не видиме луѓе зад решетки тоа повторно ќе биде само додадено на списокот работи од минатото каде што навистина не ја гледаме правдата“, изјави Мониндер Синг - портпарол на советот на сиките во британска Колумбија.
Индија го отфрли обвинувањето како „апсурдно и мотивирано“. Властите во Њу Делхи долго време тврдат дека овие активисти ја поткопуваат националната безбедност, иако Канада инсистира на тоа дека нејзините граѓани имаат слобода на говор доколку не поттикнуваат насилство.
Бојана Крстевски
