Битиќи и Османи во Њујорк потпишаа Меморандум и Договор со Зелениот климатски фонд
Со потпишувањето на овие два документи се зацврстуваат основите за ефикасно проширување и продлабочување на соработката на Северна Македонија со Зелениот климатски фонд во насока на зајакнување на капацитетите за прилагодување, ублажување и спротивставување на климатските промени...

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, во седиштето на Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Обединетите нации, Њујорк, со извршниот директор на Зелениот климатски фонд, Мафалда Дуарте, потпишаа „Меморандум за разбирање“ и „Договор за привилегии и имунитети“ со што ќе се овозможи Регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија да се одржи во Северна Македонија од 18 до 22 март 2024 година, под покровителство на Зелениот климатски фонд. Со потпишувањето на овие два документи се зацврстуваат основите за ефикасно проширување и продлабочување на соработката на Северна Македонија со Зелениот климатски фонд во насока на зајакнување на капацитетите за прилагодување, ублажување и спротивставување на климатските промени.
По овогодинешното 78 Генерално Собрание на ОН и Самитот за одржлив развој и очекуваниот состанок на Зелениот климатски фонд во Германија, за финансиски заложби од развиените земји, стратегискиот поглед на светските лидери на економскиот развој ќе биде во фокусот на Целите за одржлив развој и климатска акција. Во овој контекст поддршката од Зелениот климатски фонд станува значајна во напорите за приближување на Северна Македонија кон остварување на овие цели. По потпишувањето, вицепремиерот Битиќи и министерот Османи со Дуарте зборуваа за проектите кои се финансирани и од Зелениот климатски фонд за што се обезбедува и дополнителна финансиска поддршка за нивно успешно имплементирање.
Како на пример, формирање на Национален фонд за енергетска ефикасност, изградба на пречистителна станица за градот Скопје, енергетска ефикасност на згради, како и за заедничките напори за одобрување на проектната апликација за Национален план за адаптација. Ова се дел од проектите преку кои се фондот е директно вклучен во финансирање на одговори на климатските промени и зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија. Вицепремиерот Битиќи потсети дека во рамки на Проектот за подготвеност е инициран процес за акредитација на Фондот за иновации и технолошки развој, како национално тело за директен пристап до средства од Зелениот климатски фонд.
Помеѓу вицепремиерот Битиќи, министерот Османи, генералниот секретар Димовски и г-ѓа Дуарте беше дискутирано и за потенцијални нови проекти од областа на земјоделско осигурување, наводнување, земјишна реформа и отпорност на инфраструктурата кон климатски промени.
