Македонија

Тренчевска: Услугата помош и нега во домот достапна за 45 стари лица во Пласница

20.09.2023 11:56

Покрај грижата и негата која старите лица ќе ја добијат во своите домови, со воведување на новата услуга се овозможени и нови вработувања на ранливи категории граѓани кои добиваат можност да станат сертифицирани негуватели.

Услугата помош и нега во домот е достапна за 45 стари лица во општина Пласница. Услугата ја спроведува здружението за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи – „Жртва“, кое заедно со општина Пласница добија грант за развој на оваа услуга во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.

„Ми претставува вистинско задоволство што во придобивките на социјалната реформа е достапна и за  најстарите жители на општина Пласница. Горди сме на резултатите постигнати преку Проектот, но многу поважно е задоволството на корисниците и негувателите. Нашите истражувања на задоволството на корисниците на услугата помош и нега во домот од првиот повик за грантови покажуваат дека имаме огромно задоволство од услугата, апсолутно мнозинство од корисниците изјавуваат дека услугата помош и нега во домот го унапредила квалитетот на нивниот живот. Задоволството е видливо и кај негувателите. 99% од нив изјавуваат дека ангажманот како негувател, целосно или делумно го унапредил квалитетот на нивниот живот“, истакна министерката Јованка Тренчевска, при посетата на Пласница.

Покрај грижата и негата која старите лица ќе ја добијат во своите домови, со воведување на новата услуга се овозможени и нови вработувања на ранливи категории граѓани кои добиваат можност да станат сертифицирани негуватели. Токму тоа е и двојната придобивка од спроведувањето на социјалните услуги. Конкретно, за спроведување на услугата помош и нега во домот во Пласница се ангажирани 15 сертифицирани негуватели кои ќе им го олеснат секојдневието и значајно ќе го подобрат квалитетот на живот на старите лица.