Новиот објект на Државната кардиохирургија наскоро во функција

25.05.2014 15:51

Првично операциите ќе ги изведуваат кардиохирурзи и помошен персонал од странство, а за три години ќе има целосно остручен домашен кадар...

До крајот на август или почетокот на септември годинава целосно ќе биде ставен во функција објектот во кој трајно ќе биде сместена Државната кардиохирургија, истакна министерот за здравство Никола Тодоров при денешната посета на објектот кој е во фаза на целосна реконструкција.

Првично операциите ќе ги изведуваат кардиохирурзи и помошен персонал од странство, а за три години ќе има целосно остручен домашен кадар.

„Предвидено е да се изградат две операциони сали во кои ќе бидат изведувани хируршки  интервенции, интензивна нега со шест кревети и стационар со соби во кои ќе се сместуваат пациентите по излегувањето од интензивната нега. Ќе можат да се прават 150 до 200 интервенции годишно. За таа цел набавуваме дополнителна медицинска опрема во вредност од 84 милиони денари за која се веќе завршени тендерите што значи дека целата инвестиција ќе биде околу два милиона евра“, изјави Тодоров.

Објектот е во рамки на Килиниката за кардиологија и се наоѓа на последниот кат.  Направен е по сите светски стандарди, бидејќи уште пред дваесеттина години постоела идеја токму тука да биде сместена Државната кардиохирургија. Во моментот се врши негова целосна реконструкција во вредност од 650 илјади евра што треба да заврши во јули.