Препукувања на релација Мицкоски-Груевски
Продолжува кавгата преку социјалните мрежи меѓу актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ-има или не договори за амнестија и за уставните измени. Нема да дозволам пазар и договори. Еден ден кога ќе се видиме очи в очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш, му порача Мицкоски на Груевски. Тој пак ги негира тврдењата дека е во тајна комуникација со владата за да издејствува уставни измени …

Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се огласи на социјалните мрежи откако неговиот претходник Груевски од Будимпешта го повика да ги потврди или да ги демантира обвинувањата дека тој е во тајна комуникација со владата за да издејствува уставни измени. Мицковски на Фејсбук напиша дека деталите ќе му ги соопшти очи в очи, кога ќе се видат, додавајќи дека нема намера со јавни преписки да биде дел од сценариото за, како што вели, создавање раздор во корист на оваа власт.
„Еден ден кога ќе се видиме очи в очи ќе ти кажам и детали, ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане подолго креирајќи атмосфера во која се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија, која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните“, пишува Мицкоски потенцирајќи дека народот ги бира политичарите на избори, а тие пред нив одговараат за постапките.
За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018 ова е друго време, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на неговиот Фејсбук. Го потсетува екслидерот на партијата на неговите зборови дека вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе, а вистината ја знаеме и јас и ти, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно, вели Мицкоски. Од СДСМ се категорични дека за Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен веднаш штом ќе стапне во земјава. Социјалдемократите го повикаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за диловите со Груевски и дали Мицкоски ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, поради незадоволство токму од него.
„Но нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ и затоа Мицкоски е толку нервозен. Политиката на блокада на Мицкоски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него“, велат од СДСМ.
Меѓусебните преписки и обвинувања за измените на Кривичниот законик не запираат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имаат сознанија за средба на државниот врв кај претседателот Пендаровски каде што биле и други претставници на власта и се договарале за измените на Кривичниот законик. Од ДУИ, пак, велат дека средбите со Заев и Груевски биле за помирување во Пржино, а со Мицкоски за Кривичниот законик.
Милчо Велески
