Договорен прекин на огнот во Нагорно Карабах
Постигнат договор за прекин на непријателствата во Нагорно Карабах. Азербејџан обвини и за убиство на цивили. Советот за безбедност закажа итен состанок за утре...

Дваесет и четири часовниот конфликт привремено заврши и побрзо отколку се очекуваше. Примирјето по залагањето на големите сили е постигнато во Нагорно Карабах, во Јужниот Кавказ.
„Постигнат е договор за суспензија на локалните мерки. Единиците на ерменските вооружени сили лоцирани во Нагорно Карабах во Република азербејџан, илегалните ерменски вооружени групи го положуваат оружјето, ги напуштаат борбените позиции и воените пунктови во координација со рускиот мировен контингент“, изјави Анар Ејвазов, портпарол на Министерството за одбрана на Азербејџан.
Претходно руските мировници евакуираа цивили од најопасните области на спорниот регион.
Азербејџан обвини за убиство на цивили. Најмалку триесетина војници и двајца жители загинаа во експлозии на нагазни мини во областа, меѓународно признаен како азербејџанска територија.
„Ослободувањето на Арцах е идеја што е во самата основа на нашата државност и е напишана во нашата декларација за независност и устав. Имам многу роднини таму, а не знам ни дали се живи, можеби се во болница“, изјави жителка на Ереван.
„Две години живеев и работев во Арцах и моментално имам многу роднини и пријатели таму. Некои од нив се во подруми, некои ги бараат своите деца“, изјави друга жителка на Еревен.
„Арцах е во тотален геноцид. Тоа не е војна кога гладната и разоружана нација во блокада не е ни способна да се бори. За жал, мнозинството од нашето општество не разбира што се случува“, вели друг жител на Ереван.
Од соседството, Турција побара реформи во Советот за безбедност за справување со воениот предизвик во Јужен Кавказ.
„Му даваме важност на повикот на Гутереш за создавање нова агенда за мир. Имаме историска можност да воспоставиме мир, спокојство и соработка во Јужен Кавказ“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Советот за безбедност треба да закаже итен состанок за утре. Во Нагорно Карабах живеат 120 илјади Ерменци. Регионот во кој сè уште се слушаат експлозии има безбедносно значење и поради нафтоводот што од азербејџанскиот дел на Каспиското Море води кон Европа.
Марина Ристова
