Брисел

Костадиновска-Стојчевска: Скопје е избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“

20.09.2023 18:18

Скопје ја доби титулата „Европска престолнина за културата за 2028 година“. Одлуката ја соопшти Европската комисија денеска во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула...

Скопје ја доби титулата „Европска престолнина за културата за 2028 година“. Одлуката ја соопшти Европската комисија денеска во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула, каде што свое обраќање имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Скопје ја доби довербата за организација на годината во која ќе се слават македонската и европската култура во нашиот главен град и во земјава, а беше во конкуренција со Будва, Црна Гора.

Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по соопштувањето на одлуката.

Експертите од Европа ја препознаа искрената посветеност на Градот и на Владата на Северна Македонија, на стручните тимови, во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата и заложбите на нашата држава во негувањето на европските вредности. Во тој контекст, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече дека на оваа титула гледаме како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.

Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата. Затоа, Градот Скопје и Владата на оваа презентација ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата и на европските стандарди за успешна презентација и афирмација на културните, општествените, економските и туристичките вредности на земјава пред светот.

Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа македонска победа е пример за применливоста на мотото дека културата не познава поделби, стои во соопштението до Министерството.