Медиумска писменост за спречување на дезинформации
Дали младите ги препознаваат дезинформациите на социјалните мрежи. Отпочнат е процесот за воведување на медиумската писменост во образованието...

Вест за поплава во Кочани со фотографија од Тајланд. Наградни игри на реномирани продавници за електроника со лажни продажби на апарати за стотина денари. Граѓаните секојдневно се жртви на дезинформации. Последното истражување на Институтот на комуникациски студии покажува оти публиката прстот го вперува кон политичарите и медиумите.
„Нивната перцепција е дека главен извор за дезинформации се политичарите, односно сите политички партии што доминираат во медиумската и во јавната сфера. Втор извор на дезинформации се медиумите. Односно, две третини од граѓаните сметаат дека она што се пласира во медиумите треба да се земе со резерва“, изјави Александра Теменугова – ИКС.
Најбрзо и најлесно, дезинформациите се шират на социјалните мрежи, а таму најчесто се младите. Од ИКС велат дека преку низа проекти работат на подигнување на медиумската писменост. Во битката за препознавање на дезинформации се и од Младинскиот образовен форум. Тие се фокусираат на активности за неформално образование особено со младинските клубови да ги едуцираат младите.
„Ние имавме видеа каде што со вештачка интелигенција се креираа говори на политички лидери коишто всушност не беа вистински. Тоа беа измислици! Младите, исто како и другите таргет групи можат лесно да бидат склони и да потпаднат под влијание на лажните и сензационалистички вести и информации. Тоа е главниот проблем“, изјави Ристо Савески – МОФ.
Лажните вести немаат посебен таргет, а на мета се помалку вештите и помалку информираните. Здружението на новинари на Македонија, Државната комисија за спречување на корупција и УНДП со посебен проект ќе делуваат на зајакнување на капацитетите на локалните заедници, да бидат поотпорни на погрешни информации и родово базирани дезинформации.
„Тие локални проблеми многу тешко ја добиваат привилегијата да стигнат до националните медиуми, прво затоа што е намален бројот на дописници на националните телевизии, многу ретко се известува, второ затоа што е намален и бројот на локални, регионални медиуми, коишто делуваат во локалните заедници. Во еден ваков медиумски контекст верувам дека голем број од граѓаните прибегнуваат кон информирање на социјалните мрежи“, рече Мирко Трајановски – УНДП.
Сепак, медиумската писменост бара темелност и креативност. Од Македонскиот институт за медиуми, велат дека посебна едукација мораат да имаат наставниците за да бидат во тек со сите трендови.
„Пристапот на медиумската писменост се темели на ентузијазмот, на креативноста на самиот наставник. Тој треба да ги заинтересира, да ги ангажира учениците сами да размислуваат, да нудат и да бараат решенија. Овој пристап не подразбира учење на памет, туку преку работа, преку вклученост на наставникот, на учениците треба да се разберат содржините од наставната програма, треба да се разберат појавите околу нас, процесите коишто се случуваат во општеството“, изјави Весна Никодиновска – МИМ.
Интернетот овозможи брза и разновидна информација, но тоа ја отвори и неопходната потреба од вештини и критичко размислување, за да не се биде лесен плен на креаторите на дезинформации.
Катерина Топалова
