Пендаровски: Советот за безбедност да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина
Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност. Порача дека најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина...

Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста во Украина“.
Пендаровски порача дека најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина.
„Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да го надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите“, истакна претседателот Пендаровски на отворената дебата на Советот за безбедност.
Претседателот нагласи дека војната во Украина сериозно го поткопа кредибилитетот на светската организација, но нуди, исто така, извонредна можност за Советот за безбедност да дејствува во согласност со принципите на Повелбата на ОН и да помогне да се врати довербата на народите во Обединетите нации како незаменлива глобална организација.
