Уставен суд

Указот и „Договорот од Преспа“ на дневен ред на седница на Уставниот суд

21.09.2023 09:39

Предметот во кој е оспорен Указот и „Договорот од Преспа“ ќе се дискутира денеска на седница на Уставен суд...

Предметот во кој е оспорен Указот и „Договорот од Преспа“ ќе се дискутира денеска на седница на Уставен суд.

Од Уставниот суд информираат дека предметот е формиран од иницијативите поднесени од Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Стив Ангеловски од Битола, Солза Грчева и Томе Тодоровски.

– Со одредени наводи во иницијативите се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот. Се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото, наведено е во дел од иницијативите дека претседателот на Собранието на Република Македонија немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката го кршел Уставот со непотпишување и во дадената ситуација, претседателот на државата не бил спречен да ја врши функцијата, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието, односно да го потпише Указот, со што се наведува дека е повреден и членот 82 од Уставот. Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот – се вели во соопштението од Уставен суд.

Во дел од иницијативите, посочуваат од Уставен, подносителите тврдат дека Спогодбата е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и др. и во спротивност со Виенската конвенција за договорно право.