Напнати претседателски избори во Украина, води „чоколадниот крал“ Порошенко
По повеќемесечните немири по соборувањето на Виктор Јанукович, 18 кандидати се тркаат за првата фотелја, откако четворица се откажаа. Според излезните анкети, за малку покусо од апсолутно мнозинство е тајкунот Петро Порошенко, познат како „чоколадниот крал“, по богатството што го заработи во индустријата за чоколади. Главен ривал му е поранешната премиерка Јулија Тимошенко...

Предвремени претседателски избори со затегнато чкрапало во Украина. По повеќемесечните немири по соборувањето на Виктор Јанукович, 18 кандидати се тркаат за првата фотелја, откако четворица се откажаа. Според излезните анкети, за малку покусо од апсолутно мнозинство е тајкунот Петро Порошенко, познат како „чоколадниот крал“, по богатството што го заработи во индустријата за чоколади. Главен ривал му е поранешната премиерка Јулија Тимошенко.
„Претседателот на Украина не го бираат ниту западните ниту источните лидери, туку народот на Украина. Големата излезност е доказ дека Украинците го направиле својот избор“, изјави Петро Порошенко, претседателски кандидат.
„Време е да одржиме референдум за приклучување кон НАТО за да го вратиме мирот во украина. Мирот за нас е стратешка перспектива, за никој да не може да ни одземе дел од територијата“, рече Јулија Тимошенко, кандидат за претседател.
За разлика од големата излезност во другите делови на Украина, граѓаните на Доњецк и на Луганск немаат право на глас. Сепаратистите не дозволија испорачување на гласачкиот материјал и ги забранија изборите во нивните единици.
„Работиме на спроведување на изборите во Доњецк и во Луганск, но терористите координирани од руската влада прават се за да ги спречат. Сепак, илјадници гласачки места се отворени и покрај заканите за терористички напади“, изјави преодниот претседател на Украина, Олександр Турчинов.
„Најдовме просторија со гласачки кутии. Ги конфискувавме и ги скршивме бидејќи овие избори не се легитимни во Доњецката Народна Република“, вели сепаратистот Серафим.
Во Доњецк, борците од Источниот Баталјон пукаат во воздух со автоматско оружје во чест на загинатите во судирите со владини сили, додека толпата аплаудира. Први жртви на изборите се италијанскиот новинар Андреа Ронкели и неговиот преведувач, кои биле убиени во нивното возило во ноќешните судири во Славјанск. Уште еден украински војник загина во напад на складиште за оружје.
„Според извештаите од изборните комисии, гласачките унии и невладините, ситуацијата е тешка. Луѓето на истокот се исплашени“, изјави Жоао Соареш, координатор на ОБСЕ.
„Многу луѓе се плашат да излезат на улица, дека вооружени луѓе ќе ги убијат пукајќи од автомобил во движење“, изјави Максим Визир, жител на Доњецк.
Не му беше дозволено да гласа ни на кандидатот за градоначалник на Киев, Дарт Николајевич Вејдар, бидејќи одби да ја симне маската на култниот јунак на „Војна на ѕвездите“ за да биде легитимиран.
„Ова е диктатура. Овде не постои демократија. Ако не ми дозволуваат да гласам мене, кандидат за градоначалник, тогаш што да очекуваме за пензионерите?“, прашува Дарт Вејдар, кандидат за градоначалник на Киев.
Лидерот на украинската Интернетска партија ја добил идејата пред две години, кога многу незадоволни Украинци на гласачкото ливче го допишувале името Дарт Вејдар во протест против недемократијата. Ако ниеден од 18-те кандидати не добие над 50 проценти од гласовите, ќе се одржи втор изборен круг на 15 јуни.
Ивана Салтировска
