Јубилеј

Научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја

21.09.2023 12:02

Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната Меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

„Основањето на Институтот за национална историја во 1948 година е исклучително важен и, би рекла, далековид чин за нашата држава. Низ годините, Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја, им благодарам што подигнаа здрав бедем“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната Меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите.

„Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар туку како идентитетска карта на една држава која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа“, рече Костадиновска-Стојчевска.

На отворањето на дводневниот симпозиум, кој се одржува денеска и утре во МАНУ, се обратија и проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беа доделени и благодарници на пензионирани вработени во оваа јавна установа.