ЕУ избори: „Копјата ќе се кршат“ помеѓу Жан-Клод Јункер и Мартин Шулц
Првичните резултати ќе бидат објавени во 21 часот додека конечните доцна вечер во понеделник...

Последен ден од Европските избори. Денеска се гласа во 21 држава членка на Унијата. Германија, Франција, Шпанија, Белгија - држави кои претставуваат лавовски дел од огромното гласачко тело со над 500 милиони гласови кои ќе одлучуваат за идниниот состав на Европскиот парламент со вкупно 751 пратеник во Европската престолнина - Брисел, како и за новиот претседател на неформалната Влада на Европската Унија - Европската Комисија.
Првичните резултати ќе бидат објавени во 21 часот додека конечните доцна вечер во понеделник. Доколку изборот за наследник на Баросо меѓу 6- те кандидати биде тесен, за позицијата прв човек на Европската комисија ќе одлучуваат шефовите на државите и владите на самитот закажан на 27 мај во Брисел, метод на кој најостро се спротивставуваат најголемите партии во Европскиот парламент.
Според анкетите за расположението на Евопјаните и експертските анализи, копјата ќе се кршат меѓу Жан - Клод Јункер од централно десничарската Европска народна партија и претседател на Еврогрупата и актуелниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, кој е кандидат на социјалистите и демократите.
Сепак познато е дека фаворит на лидерите на ЕУ е Жан- Клод Јункер. За претседател пак на Европскиот парламент ќе се гласа на конститутивната седница закажана од 1 до 3 јуни.
Инаку одѕивот на гласачите од година во година е се помал. Само за пример, вчера во Латвија , Малта и Словачка своето право на глас го искористија само 19% од електоратот.
Што се однесува пак до Белгија, денеска се гласа на три гласачки ливчиња. Белгијците денеска гласаат за регионалните парламентарни, за фередални и за европските избори.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник на МРТ од Брисел
