Стапи во сила Европскиот закон за чипови

21.09.2023 13:51

Преку Европскиот закон за чипови, Европската Унија има за цел да ја постигне својата цел за двојно зголемување на сегашниот удел на глобалниот пазар на 20 отсто до 2030 година, се додава во соопштението.

Денеска стапи во сила Европскиот закон за чипови, кој воспоставува сеопфатен сет на мерки чија цел е да се гарантираат безбедноста на снабдувањето, прилагодливоста и технолошкото лидерство на ЕУ во секторот на технологиите и апликациите за полупроводници.

Полупроводниците се основните составни елементи на дигиталните и дигитализираните уреди. Од паметни телефони и автомобили, преку апликации и опрема за здравството, енергијата, одбраната, комуникациите и индустриската автоматизација, полупроводниците се сржта на модерната дигитална економија, но тие, исто така, се во центарот на силните геостратешки интереси и глобалната технолошка трка, се наведува во соопштението на Европската комисија по повод стапувањето во сила на Законот.

Преку Европскиот закон за чипови, Европската Унија има за цел да ја постигне својата цел за двојно зголемување на сегашниот удел на глобалниот пазар на 20 отсто до 2030 година, се додава во соопштението.

Трите основни цели на Законот се зајакнување на европското технолошко лидерство во овој сектор, поттикнување на јавните и приватните инвестиции во капацитети за производство на чипови и воспоставување на механизам за координација и следење на понудата, побарувачката и предвидување на недостиг во снабдувањето со полупроводници.