Спасовски: Одлучната и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е наш стратешки приоритет
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на официјалниот настан пред отпочнувањето на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, имплементиран од Институтот за фундаментални и човекови права Лудвиг Болцман, хрватското Министерство за правда и јавна администрација, словенечкото Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка...

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на официјалниот настан пред отпочнувањето на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, имплементиран од Институтот за фундаментални и човекови права Лудвиг Болцман, хрватското Министерство за правда и јавна администрација, словенечкото Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка.
„Стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија е интеграцијата на државата во Европската Унија, која пак не би можела да се замисли без основното начело – Владеење на правото. Владеењето на правото е една од заедничките вредности за сите земји-членки. Почитувањето на владеењето на правото е од суштинско значење за да се обезбеди еднаквост пред законот и граѓаните и деловните субјекти да имаат доверба во јавните институции“, истакна министерот Спасовски, притоа потенцирајќи ја важноста на проектот рече:
„Исклучителна е важноста на овој проект, кој го вбројуваме меѓу најважните проекти коишто се спроведуваат во Република Северна Македонија. Оттаму, очекувам проектот преку мулти-агенцискиот пристап според кој е конципиран конечно да ги обедини институциите во своето делување, а на тој начин да обезбеди заедничко исполнување на проектните цели-поставување на силни правни основи за транспарентни, одговорни и ефикасни демократски институции, способни ефикасно да се справат со заканите од организираниот криминал, компјутерскиот криминал, корупцијата и сите други актуелни закани“.
Министерот Спасовски, додаде дека Владата на Република Северна Македонија вложува максимални напори со цел да обезбеди непречено владеење на правото како основно право за своите граѓани.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски изрази благодарност до Европската Унија за значителната поддршка обезбедена преку Инструментот за претпристапна помош во спроведувањето на реформските процеси, како и големата материјална поддршка со што видливо се подобрија човечките, техничките и инфраструктурните капацитети на Министерството за внатрешни работи неопходни за ефикасно работење во оваа исклучително значајна област.
