Азербејџан и Ерменија

Азербејџан и Ерменија во преговори по прекин на огнот

21.09.2023 17:48

Азербејџан и Ерменија во преговори по прекин на огнот-руските миротворци ги евакуираат жителите од опасната зона...

Разговорите за „реинтеграција“ меѓу Азербејџан и претставниците на етничкото ерменско раководство на Нагорно-Карабах завршија без изјави и знаци за напредок. Двете страни се обвинуваат за прекршување на примирјето и за нови престрелки за што јавуваат и светските медиуми. Азербејџан го достави предлог-мировниот договор до Ерменија. Од Баку велат дека содржи пет точки заснован на меѓународното право и дека двете земји се обврзани да не се мешаат во внатрешните работи. Во меѓувреме, протести во Ереван.

„Многу луѓе мислат дека не е соодветно да се зборува за мир во оваа тензична регионална средина, во услови на воени конфликти кои се разгоруваат од време на време. Но, особено во овие услови, мирот треба да се цени и мирот не треба да се меша со примирје или прекин на огнот“, Никол Пашинјан-премиер на Ерменија.

Опозицијата најави формирање национален комитет за смена на Никол Пашинјан и неговиот тим додека демонстрантите протестираат пред владата. Ерменците се гневни на предавањето на ерменските бунтовници во конфликтниот регион по последната ескалација на непријателствата и воената операција против ерменските сили, во кои загинаа десетици луѓе.

„Како резултат на почнувањето и успешното завршување на антитерористичката операција, Азербејџан го врати својот суверенитет. Нашите војници покажаа храброст и професионалност на теренот. Целосно е уништен голем дел од армијата на ерменската држава, која илегално беше стационирана на територијата на Азербејџан и до ден денес не е отстранета и покрај посветеноста на Ереван“, Илхам Алиев – претседател на Азербејџан.

Нагорно-Карабах е меѓународно признаен како дел од Азербејџан, со околу 120 илјади етнички Ерменци. Во рускиот контингент се распоредени дополнителни пет илјади мировници за евакуација на Ерменците од кризниот регион.

 

Маријана Димовска