Работен појадок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во Њујорк
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на иницијативата...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на иницијативата, што се одржа во рамки на Генерално собрание на ОН, во Њујорк. Настанот беше организиран во соработка со Советот за регионална соработка (СРС).
Фокусот на дебатата беше ставен врз европскиот интегративен процес на земјите од Југоисточна Европа, гледано преку призма на континуираната руска агресија врз Украина, која има длабоко влијание врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
Осврнувајќи се на мотото на претседавањето на Северна Македонија со иницијативата – „Премостување поделби, градење доверба“, Османи направи осврт врз приоритетите на нашето претседавање. Меѓу другите, зајакнувањето на демократијата, помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции.
Со оглед дека ПСЈИЕ е најсеопфатна регионална иницијатива во Југоисточна Европа, Османи ја потенцира неопходноста од заеднички ангажман, за сите прашања од витален интерес за регионот.
Пред присутните колеги и гости, го претстави концептот „Повеќе интеграција пред членство“ за кандидатите и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, кој предвидува конкретни придобивки додека трае преговарачкиот процес пред формалното членство.
Северна Македонија е претседавач со ПСЈИЕ, во периодот 1 јули 2023 – 30 јуни 2024 г., како трето претседавање, по она од 2000-2001 и 2012-2013 година, стои во соопштението до МНР.
