САД-Украина

Зеленски добива американски тенкови

22.09.2023 11:29

Претседателот на Украина Зеленски во посета на САД и Канада. По средбата со Бајден, договорено првите тенкови „Абрамс“ да му бидат испорачани на Киев веќе следната недела. Новиот пакет помош е вреден 325 милиони долари.

Претседателот Бајден го увери Зеленски дека силната поддршка на САД за Украина ќе продолжи, и покрај спротивставувањето од републикански пратеници за дополнителна воена помош вредна милијарди долари. 325 милиони во оружје и противвоздушна одбрана веќе се одобрени, а следната недела ќе бидат испорачани првите американски тенкови „Абрамс“.

„Русија сама стои на патот на мирот. Таа може да стави крај на ова. Наместо тоа, Русија бара повеќе оружје од Иран и Северна Кореја и прекрши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН за кои Москва гласаше да се усвојат. Ние сме посветени да и помогнеме на Украина да осигури долгорочна безбедност“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

На средбата во Белата куќа договорено зајакнувањето на воздушната одбрана во текот на зимата и конкретни чекори за проширување на извозот на жито од Украина. Зеленски објави дека ќе произведуваат оружје заедно со САД.

„Се договоривме да работиме на идната сила на Украина. Тоа е многу важно и е стратешка одлука што ќе ни овозможи да спречиме каква било нова агресија против нас, против Украина, нашиот народ. И ова ќе биде еден од исходите на декларацијата на Г7 од Вилнус и нашите билатерални безбедносни аранжмани“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

По Вашингтон, украинскиот претседател во канадскиот парламент продолжи со напорите да ја зајакне поддршката од западните сојузници. И додека Украина договара нова воена поддршка, на фронтот жестоки битки и зголемени дипломатските тензии. По критиките од Зеленски до Полска, Унгарија и Словачка поради забраната за увоз на украинско жито, Варшава рече дека нема да праќа оружје во Украина, туку ќе се фокусира на модернизирањето на сопствената војска.

 

 

 

Маријана Димовска