Македонија

Во тек е четвртиот по ред министерски состанок за унапредување на правата на Ромите

22.09.2023 12:11

Домаќин на годишниот министерски состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познанска декларација е Република Северна Македонија...

Домаќин на годишниот министерски состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познанска декларација е Република Северна Македонија. На состанокот добрите пракси од своите држави како и гледиштата за идните чекори ги истакнаа министри од Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Министерскиот состанок со поздравни обраќања го отворија Јована Тренчевска, Министерка за труд и социјална политика, Оливер Вархеји, комесар за проширување и соседски односи од Европската комисија, Ана Лирман, државен министер за Европа и клима во Германија, Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија и Жељко Јованович, директорот на Ромската иницијатива при Фондациите Отворено општество (Open society).

Тренчевска отворајќи го настанот ја истакна важноста на годишниот состанок за интеграција на Ромите посочувајќи дека размената на добри пракси може да придонесе во унапредувањето на политиките и мерките кои го подобруваат квалитетот на живот на Ромите. Таа посака добредојде на сите присутни и повика на плодна дискусија која ќе оди во прилог на сите земји учеснички.

„На младите Роми треба да се залагаме да им обезбедиме целосен пристап до образование, здравство, домување, вработување и учество во зелената агенда“ истакна Вархеји.

„Поддршката за Ромите не треба да се гледа како на товар за јавните буџети, туку како на државна инвестиција од која сите имаат корист. Светска банка покажува дека инвестирањето во ромската популација, која има многу помлада демографија во споредба со остатокот од населението во Западен Балкан, и која во голема мера работи во неформалната економија, би помогнало да се отклучи огромен потенцијал кој директно ќе влијае на зголемување на БДП на земјите. Неодамнешните пописи во регионот ја покажуваат демографската криза и затоа има уште поголема економска смисла земјите од Западен Балкан да инвестираат во младата ромска популација и да стимулираат праведна транзиција од неформалната економија. Ова е особено корисно во секторите каде Ромите се веќе присутни, како што се управувањето со отпад, рециклирањето, културата, и земјоделството“ истакна Јованович во своето поздравно обраќање.