Софија ќе ги објави имињата на сите граѓани на Македонија кои поседуваат бугарски пасош
Македонците во Пустец на пописот да се изјаснат како етнички Бугари – претседателот на бугарското здружение Македонија, Виктор Стојанов со нови закани на социјалните мрежи. Бугарија ќе ги објави имињата на сите кои добиле државјанство, а јавна ќе биде и церемонијата на доделување државјанство. Ова го предвидуваат измените на Законот за бугарско државјанство кои поминаа во прво читање, а го изгласаа 180 пратеници...

Македонците во Пустец на пописот да се изјаснат како етнички Бугари – претседателот на бугарското здружение Македонија, Виктор Стојанов со нови закани на социјалните мрежи. Вели доколку не се случи тоа ќе им се одземе бугарското државјанство и сите постапки ќе бидат прекинати.
„Доколку сега на пописот не се пријавите како етнички Бугари, во најкус можен рок ќе ви бидат одземени бугарските државјанства, а доколку сте во постапка – веднаш ќе ви бидат прекинати процедурите. Веќе имаме еден таков случај. Размислете“, вели во објавата Виктор Стојанов.
Македонците во Албанија веќе се чувствуваат заплашено и ова е првпат да трпат ваков притисок, вели за Македонската Телевизија потпретседателот на единствената македонската партија Едмонд Османи. Тие за ова веќе реагирале до албанските институции и чекаат нивна реакција и осуда за ваквите притисоци.
Бугарија ќе ги објави имињата на сите кои добиле државјанство, а јавна ќе биде и церемонијата на доделување државјанство. Ова го предвидуваат измените на Законот за бугарско државјанство кои поминаа во прво читање, а го изгласаа 180 пратеници. Европратеникот Ковачев вели оти во регистарот меѓу 120.000 Македонци кои добиле бугарски пасош има имиња на бивши и актуелни политичари.
„Со последната промена, сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои добиле бугарско државјанство во изминатите 22 години врз база на доказ од самите нив на бугарско потекло и декларација за бугарско самоопределување, ќе бидат јавно објавени. Така, овие над 120.000 македонски бугари, меѓу кои и многу бивши и актуелни политичари, пратеници, министри, градоначалници, шефови на служби, шефови на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говор на омраза и дискриминација од македонските институции затоа што се чувствуваат Бугари“, вели европратеникот Ковачев.
Пописот во Албанија ќе трае до 30-ти октомври.
Викторија Милевска
