свет

Бајден до Зеленски: Храброста на Украинците го инспирираше светот

22.09.2023 14:55

Претседателот Бајден го увери Зеленски дека поддршката за Украина ќе продолжи. На европско тло, не стивнуваат реакциите откако Полска, Унгарија и Словачка забранија увоз на украинско жито. Од Кремљ велат дека тензиите меѓу Киев и европските сојузници неизбежно ќе растат...

Претседателот Бајден го увери Зеленски дека поддршката за Украина ќе продолжи, и покрај спротивставувањето од републиканците за дополнителна воена помош вредна милијарди долари. 325 милиони во оружје и противвоздушна одбрана веќе се одобрени, а следната недела ќе бидат испорачани првите тенкови „Абрамс“.

„Русија сама стои на патот на мирот. Таа може да стави крај на ова. Наместо тоа, Русија бара повеќе оружје од Иран и Северна Кореја и прекрши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН за кои Москва гласаше да се усвојат. Ние сме посветени да и помогнеме на Украина да осигури долгорочна безбедност“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Се договоривме да работиме на идната сила на Украина. Тоа е многу важно и е стратешка одлука што ќе ни овозможи да спречиме каква било нова агресија против нас, против Украина, нашиот народ. И ова ќе биде еден од исходите на декларацијата на Г7 од Вилнус и нашите билатерални безбедносни аранжмани“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

По Вашингтон, украинскиот претседател во канадскиот парламент продолжи со напорите да ја зајакне поддршката од западните сојузници. На европско тло, не стивнуваат реакциите откако Полска, Унгарија и Словачка забранија увоз на украинско жито. Од Конгресот за обнова на Украина полскиот претседател рече дека житото нема значително влијание врз билатералните односи.

„Не верувам дека еден политички и правен спор може да ги поткопа или уништи достигнувањата. Не се сомневам дека спорот за испорака на жито од Украина на полскиот пазар е мал фрагмент од целокупните полско-украински односи. Не верувам дека тоа може да има значително влијание врз нив, па затоа треба да го решиме ова прашање меѓу нас“, изјави Анджеј Дуда, претседател на Полска.

Од Кремљ пак, велат оти тензиите меѓу Киев и европските сојузници неизбежно ќе растат.

„Постојат одредени несогласувања меѓу Варшава и Киев. Ние предвидуваме дека овие несогласувања ќе се зголемат. Со жалење забележуваме дека двата главни града сега се главниот фокус на русофобијата и внимателно го следиме тоа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Руските власти обвинија дека украинските сили извршиле напад врз седиштето на Црноморска флота во Севастопол.

 

Маријана Димовска