Македонија

Грковска-Хрватин: За успешни реформи во Судскиот совет неопходен е политички консензус

23.09.2023 09:22

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, вчера попладне имаше средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, чиј тим ја заврши оценската мисија на Судскиот совет на Македонија...

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, вчера попладне имаше средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, чиј тим ја заврши оценската мисија на Судскиот совет на Македонија.

Хрватскиот врховен судија ја раководеше оценската мисија на ЕУ, што се реализираше изминатава недела, по што се очекува да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет.

Вицепремиерката Грковска изрази благодарност до господинот Хрватин за сиот ангажман што тој и неговиот тим го вложија во детектирање на слабостите во работата на Судскиот совет, но и за препораките што ќе бидат доставени, а кои за нашата држава ќе бидат основа за натамошни реформи.

Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција.

Правниот експерт Хрватин истакна дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува процесот на подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.