Канада

Канада вети дополнителна воена помош за Украина

23.09.2023 12:02

Отава на Киев ќе му достави нови тенкови „Леопард 2“. Но, помошта ќе опфати и 50 оклопни возила и возила за медицинска евакуација. На фронтот продолжуваат борбите. Украинците тврдат дека успеале да ја пробијат одбраната на југот, а според нив, во нападот врз штабот на руската црноморска флота во Севастопол имало десетици загинати...

По САД, и Канада ќе обезбеди дополнителна воена помош од 480 милиони долари за Украина во следните три години – оваа порака на Зеленски му ја пренесе канадскиот премиер Трудо. Отава на Киев ќе му достави нови тенкови „Леопард 2“. Но, помошта ќе опфати и 50 оклопни возила и возила за медицинска евакуација.

„Канаѓаните знаат дека е ова прашање на исправно или погрешно. Канаѓаните знаат дека за Украина е неверојатно тешко да продолжи да се спротивставува на руската агресија. И да бидеме искрени, тешко е за демократиите ширум светот да ја поддржат. Ние ќе мораме да стоиме со Украина секој ден додека не победи во оваа војна. Влогот е голем за сите“, изјави канадскиот премиер, Џастин Трудо.

Зеленски го повика Западот да не биде колеблив во поддршката на неговата земја.

„Да станеме посилни. Победа на Украина. Победа на Канада. Победа на народот. Канада ги тренира нашите момци, нашите војници, нашите воини. Канада и дава оружје на Украина за да оди напред, да ја потисне Русија. И ви благодарам за ова“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Зеленски допатува во Канада по средбите со американскиот претседател Џо Бајден и пратениците во Вашингтон. Американски медиуми, повикувајќи се на извори од администрацијата кои се запознаени со ситуацијата, информираат дека Вашингтон планира на Киев да му испорача и ракети со долг дострел до 300 километри. Волстрит журнал пренесе дека оружјето ќе биде доставено наредниве недели.

На фронтот продолжуваат борбите. Украинците тврдат дека успеале да ја пробијат одбраната на југот, а според нив, во нападот врз штабот на руската црноморска флота во Севастопол имало десетици загинати.

 

Марина Ристова