Шар Планина

Малите хидроцентрали предизвикуваат големи штети на шарпланинскиот масив

23.09.2023 12:55

Малите хидроцентрали прават големи штети на шарпланинскиот масив. Ерозиите каде поминуваат трасите на централите се секојдневие, а се појавуваат и пукнатини на домовите во селата. Од Националниот парк Шар Планина, велат дека имаат испратено барање до Владата за раскинување на две концесии за хидроцентрали на реката Пена...

Ова се само дел од штетите кои се направени од хидроцентралите на Шара. Свлечишта покрај земјени патишта каде поминувала механизацијата за изградба на централите, откорнати дрвја, нарушен екосистем.

Мештаните се жалат и на оштетени домови, ерозии на пасишта и ниви. Од Националниот парк Шар Планина, велат дека за тие хидроцентрали кои работаат не може ништо да се стори, но за тие кои се градат имаат побарано од Владата да им се раскинат концесиите.

Таков е примерот за хидроцентралите 84 и 85 на река Пена.

И двете велат од установата не го испочитувале рокот за изградба, а во заштитено подрачје, веќе не смее да се гради.

Од Владата вели Дехари сè уште немаат добиено одговор. Но, тоа што се гледа на терен е доволен доказ да се раскинат концесиите.

Од Министерството за животна средина, велат дека за хидроцентралите на Пена не се дадени нови дозволи, туку е продолжен рокот за изградба од оправдани причини.

„Продолжувањето на рокот за изградба е предвиден во случај кога концесионерот е спречен, не по своја вина да ги изврши потребните активности за изградба и пуштање во употреба на малите хидроелектрични централи, при што роковите се продолжуваат за онолку време за колку е утврдено застој кој не е предизвикан од концесионерот, велат од Министерството за животна средина.

Од Министерството за животна средина, информираа дека строго го почитуваат договореното, со цел заштита на паркот.

Оттаму додаваат дека постигнат е договор и за раскинување на 8 концесии за хидроцентрали на Шара, кои се наоѓале во строго заштитена активна зона на користење.

 

 

Зоран Димовски