Пресудите против Бугарија остануваат на хартија
Комитетот на министрите на Советот на Европа на Софија и остава време до крајот на декември годинава, да достави информации за спроведувањето на пресудите од групата ОМО Илинден и другите против Бугарија, а дури потоа идната пролет ќе расправа за истите. Очигледно дека најстарата паневропска организација нема ефикасност во начинот на следењето и извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи поминаа 17 години од првата пресуда и Македонците од Бугарија сè уште не можат да регистрираат своја партија или здружени...

Фељтонот на групата неизвршени пресуди на ЕСЧП – ОМО Илинден Пирин против Бугарија, продолжува како вистинска сапунска опера, во која Комитетот на Министрите прави само пена дека нешто се прави во однос на овие пресуди и цели седумнаесет години само жали дека пресудите сè уште не се извршени.
Таква е и одлуката донесена на последниот состанок на Делегатите на Министрите на 46-те земји членки на Советот на Европа, имено и покрај измените на бугарските закони од 2018 и обуката и Прирачникот за регистрација на здруженија, Стразбур констатира дека „овие мерки сè уште не овозможија регистрација на македонските здруженија во Бугарија.
„Затоа уште еднаш жалиме што, и покрај усвојувањето на Привремената резолуција од 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата конечна пресуда во оваа група, здруженијата кои имаат за цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ и понатаму редовно им се одбива регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со постојана практика на властите да покренуваат нови основи за одбивање на нивните регистрации“, се вели во одлуката на Комитетот на министрите.
Овде Комитетот на Министрите инсистира дека овие пресуди не предизвикуваат обврска за признавање група луѓе како малцинство или обврска за автоматска регистрација, но значи дека не е можно да се одбие регистрација врз основа која беше осудена од Европскиот суд, вклучително и оние поврзани со целите на здруженијата и дека е потребна регистрација.
На крајот Комитетот на министрите го „поканува претседателот на Комитетот на министри да испрати писмо до неговиот бугарски колега, во кое се нагласува потребата да се изнајдат брзи решенија за целосно и ефективно усогласување со обврските што произлегуваат од пресудите на судот во овие случаи.
Притоа Комитетот на министрите ги покани властите да дадат информации за сите горенаведени аспекти до крајот на декември 2023 година и да одлучат да го продолжат испитувањето на овие случаи на нивниот состанок на закажан во март 2024.
Слични одлуки беа донесена на повеќе пати од Комитетот на министрите на Советот на Европа, но Бугарија и понатаму правејќи се заинтересирана за нивното извршување ги одби сите обиди за регистрација на македонските здруженија во оваа земја.
Тони Гламчевски
