Правосудство

Неопходна реформа на судскиот систем

23.09.2023 14:36

Оценската комисија предводена од експертот Хрватин заврши со скенирањето на состојбите во Судскиот совет. Сега треба да предложи краткорочни и среднорочни реформи за реформа на телото, кое изминатиов период го тресеа низа скандали. За вицепремиерката Грковска, Советот го загубил кредибилитетот...

Експертскиот тим на Европската Унија, предводен од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, ја заврши оценската мисија за состојбите со Судскиот совет во земјава. Мисијата наскоро ќе излезе со краткорочни и среднорочни мерки за подобрување на состојбите во телото, кое изминатиов период го тресат скандали. Хрватин имаше средба со вицепремиерката Грковска, која истакна дека Советот, како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгубил кредибилитетот и затоа мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.

Грковска на Хрватин му дала документ, во којшто се наведени сите слабости кои тие ги детектирале во функционирањето на Судскиот совет.

„Слабите точки се детектирани на неколку места – унапредување по системот на заслуги и критериумите за избор на судии, транспарентноста, независноста на оваа институција“, велат во владата.

И Грковска и Хрватин сметаат дека, за реформите на правосудниот систем да имаат успех, потреба е волја од сите политички фактори.

Оценската мисија што ЕУ ја испрати во земјава кон крајот на јули годинава се фокусира на работата на Судскиот совет кој последниве неколку месеци беше во центарот на вниманието на јавноста поради низата скандали и превирања во ова тело, кои кулминираа со разрешувањето на претседателката на Судскиот Совет Весна Дамева, по што следуваа оставки на уште два члена на телото.

 

Марина Стојанова Тонева