Политика

Мицкоски: Ахмети и Џафери да ја кажат вистината за содржината на УСБ-то и пликото

23.09.2023 15:20

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски обвини дека нема да успеат напорите, на она што тој го нарекува оска меѓу СДСМ, ДУИ и Никола Груевски да поминат уставните измени. Тој денеска не сакаше да открие повеќе детали за наводите кои ги изнесе во интервју, дека на Ахмети и ДУИ наводно им давале УСБ-стикови и пликоа на тајни средби. Социјалдемократите бараат Мицкоски да не ги меша во внатрешните пресметки во ВМРО-ДПМНЕ...

Тврдењата дека Груевски преговарал за амнестија се базираат на докази и информации кои стигнуваат до мене, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Дека Заев и Груевски ја договарале амнестијата, според Мицкоски, потврдил и Ахмети, а за материјалите кои на УСБ ги добивале Ахмети и Џафери пролетта лани, Мицкоски смета дека одговор треба да дадат токму челниците на ДУИ. Мицкоски вели дека немало ништо заткулисно во средбата со ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Смета дека била жртва на политички прогон, додавајќи оти партијата ќе се грижи за секој лојален член.

Мицкоски е бледа копија на Груевски, распадот на ДПМНЕ е поради суети и големо внатрешно незадоволство-коментираат социјалдемократите. На опозицискиот лидер му порачаа да не ја меша СДСМ во меѓусебните пресметки туку сам да си ги решава кавгите.

„Факт е дека Христијан Мицкоски е бледа копија на Никола Груевски. И неговата политика на блокада на европскиот пат е исто така само копија на оригиналот. Мицкоски со денови не одговара за барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него внатре во неговата партија“, се вели во соопштението од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ниту имал, ниту ќе има тајни средби. За СДСМ пак, измените на Кривичниот законик се усогласување со европското законодавство, а не амнестија за функционери.

 

 

Наташа Гркова Петрушевска