Регион

Тензии на северот на Косово, убиен припадник на косовската полиција

24.09.2023 12:15

Припадник на косовската полиција е убиен, друг е ранет во напад кај селото Бањско во Лепосавиќ. Интервенирале на патна блокада со камиони кога врз нив бил отворен оган. Премиерот Курти го обвини Белград, претседателката Османи ја прекина посетата на САД...

Повторно врие на северот на Косово. Еден припадник на косовската полиција е убиен, а друг е ранет во напад на непознати и маскирани лица во Општина Лепосавиќ, што се случил утрово. Според косовското МВР, полицајците ноќта по 2 часот и 30 минути добиле информација дека влезот на селото бањско е блокиран од камиони што биле поставени на мост, а кога стигнале на локацијата врз нив бил отворен оган од разновидно оружје. Убиениот полицаец бил наредник, а повредениот припадник на граничната полиција.

Премиер Курти веднаш го обвини Белград за инцидентот.

„Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје. Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логична поддршка на официјален Белград ја напаѓа нашата земја. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и обединети да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите. Повредениот полицаец е надвор од животна опасност“, рече Курти.

Блокиран е влезот во селото, а затворени за сообраќај се и административните премини Јариње и Брњак.

Поради инцидентот, претседателката Османи ја прекина посетата на САД. Рече дека нападот бил испланиран и изведен од српските криминални банди.

„Убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец на северот на Косово, планирано и изведено од српските криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, тоа е напад врз Косово“, се вели во соопштението.

Османи очекува осуда од сојузниците за како што рече, отворената агресија на Србија кон Косово и порача дека сторителите нема да можат да и избегаат на правдата.

Претседателот на српското собрание Орлиќ рече дека премиерот Курти побрзал да ги обвини Србите, наместо како секој сериозен чинител да почека да види што се случило, а потоа да коментира. Според него, насилството му одговара само на Курти.

Тензиите на северот на Косово траат од мај, кога општините на север, претежно населени со Срби, не примија нови градоначалници Албанци. Меѓународната заедница побара од Косово да работи на смирување на тензиите.

 

Марина Ристова