Костадиновска-Стојчевска: Министерството за култура ги почитува филмските уметници во откривање на „непозното“
Многубројни гости со силен аплауз го поздравија македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски...

Многубројни гости со силен аплауз го поздравија македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, по светската премиера на Фестивалот во Венеција, со кој вчеравечер во Центарот за култура во Битола беше отворен 44. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој годинава се одвива под мотото, „Прекрасното непознато“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста пред проекцијата на филмот им пожели добредојде на гостите во Битола, како што рече: „во градот кој по 44-ти пат, во чест на ’Браќата на светлината‘, Јанаки и Милтон Манаки, достоинствено и достојно ја чествува магијата на филмската камера“.
− Овој фестивал, кој ги негува вредностите на врвната визуелна уметност, е и чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки, за кои дотогаш „непознатото“ било голем предизвик. Тој предизвик нè донесе до „Прекрасното непознато“. Затоа, и вечерва, и тука, со нескриено задоволство сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки 1853 – 1964“, која се наоѓа во битолското одделение на Државниот архив, ја прогласивме за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска му ја врачи наградата на оскаровецот Питер Бижу, кој е годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животен опус, честитајќи им ги признанијата на сите годинашни носители на награди. Таа истакна дека Министерството за култура е и ќе биде почитувач и пријател на сите на кои овој „празник на филмот“ во Битола им е сè.
Годинашниот добитник за животно дело Питер Бижу е кинематограферот на антологиските филмски остварувања: „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Ѕидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „Ричард III“ и редица други. Бижу има работено со многубројни звучни режисерки имиња од светот на филмот, како и со Алан Паркер, со кого заедно работеа и на антологиското дело од 1982 година „Пинк Флојд: Ѕидот“, со чија нумера започна и ова 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник годинава е познатата македонска актерка и продуцент Лабина Митевска, традиционално ја додели претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Игор Иванов-Изи. На отворањето на Фестивалот се обратија и директорот на Фестивалот, Симон Мони Дамевски, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
На 44. фестивалско издание што се одржува од 23 до 29 септември, добитник на специјалната „Златна награда 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Шејмус Мекгарви, чиј ракопис стои зад „Покајание“ и „Ана Каренина“, за кои бил и номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија). Специјален гостин оваа година е познатиот продуцент Иан Смит.
