Реконструкција на кумановскиот театар
Во кумановскиот театар привршува третата фаза од реконструкцијата. За оваа фаза министерството одвои најмалку средства. Остануваат уште четири фази. Но кога установата ќе добие целосно нов лик, сè уште е непознато...

Привршува третата фаза од реконструкцијата на Народниот театар во Куманово. За оваа фаза Министерството за култура одвои само 2 милиони и осумстотини илјади денари. Средствата се искористија за делумно партерно уредување на дворот, поставување на пристапни рампи за лицата со попреченост на двата влеза и канализациона мрежа. Надлежните од театарот очекуваат министерството да издвои средства и за останатите фази.
„Во првата фаза беа одобрени 10 милиони денари, во втората седум милиони и во оваа трета фаза која можеме да кажеме дека е некоја меѓуфаза бидејќи требаше да се искористат средствата бидејќи се малку 2 милиони и осумстотини денари, се надеваме дека за следните фази ќе имаме повеќе финансиски средства“, вели Сашо Тодоровски, директор на Театар Куманово.
Реконструкцијата на театарот ја одолжи актуелната криза која ги покачи цените на градежните материјали.
За целосно нов лик на театарот неопходни сè уште четири фази. Ќе се реконструира кровот, сцената, гледалиштето и ќе се набави техничката опрема. Но кога кумановци ќе добијат нов театар сè уште е непознато.
Поради реконструкцијата повеќе од две години во Центарот за култура функционира и кумановскиот театар, македонската и албанската драма. Актерите заедно со љубителите на театарската уметност со години бараат нова, модерна и функционална установа. Сегашната зграда на театарот е изградена во 60-тите години.
Елена Георгиевска
