Курти тврди дека напаѓачите се опколени, Вучиќ најави вонредно обраќање
Еден припадник на косовската полиција е убиен, а друг е ранет во напад на непознати и маскирани лица во Општина Лепосавиќ. Премиерот Курти веднаш го обвини Белград за инцидентот. Амбасадорот на САД во Косово и високиот претставник на ЕУ Борел, го осудија нападот...

Повторно врие на северот на Косово. Еден припадник на косовската полиција е убиен, а друг е ранет во напад на непознати и маскирани лица во Општина Лепосавиќ, што се случил утрово. Според косовското МВР, полицајците ноќта по 2 часот и 30 минути добиле информација дека влезот на селото Бањска е блокиран од камиони што биле поставени на мост, а кога стигнале на локацијата врз нив бил отворен оган од разновидно оружје. Убиениот полицаец бил наредник, а повредениот припадник на граничната полиција.
Премиерот Курти веднаш го обвини Белград за инцидентот. Рече дека полицијата ги опколила напаѓачите. Групата броела 30-ина тешко вооружени.
„Нападите врз косовската полиција продолжуваат, има најмалку 30 тешко вооружени луѓе, војска и полиција, кои се опколени од косовската полиција и кои ги повикувам да се предадат на нашите сили. Денеска е тежок ден за нашата земја. Го осудуваме овој терористички напад. Злосторството е финансирано од официјален Белград. Ние го штитиме и спроведуваме законот и независно Косово“, рече Курти.
Блокиран е влезот во селото, а затворени за сообраќај се и административните премини Јариње и Брњак.
„Имавме повик, на човек му се слоши во село Бањска, но полицијата не нè пушта кај него. Човекот може да умре во секој момент, не можеме да стигнеме“, вели возач на брза помош.
Амбасадорот на САД во Косово и високиот претставник на ЕУ Борел, го осудија нападот и ги повикаа сите страни да работат на деескалација на состојбата. Борел рече дека е неопходно да се утврдат фактите и оти одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
Во Приштина заседаваше Советот за безбедност, а претседателката Османи ја прекина посетата на САД. Србија реагира дека Курти побрзал да ги обвини Србите, наместо да почека и да утврди што се случило.
Марина Ристова
