Драматичен расплет на ракометната бундеслигашка сезона

Кил – првак на Германија

25.05.2014 19:47

Во завршната 34. бундеслигашка рунда Кил го демолираше Фухсе Берлин со 37-23 и го симна од врвот долго водечкиот Рајн Некар...

Кил ја освоија 19.титула шампион на Германија, во супердраматичната завршница на сезоната во ракометната Бундес Лига. Неговите ракометари спречија да се оствари сонот на Рајн Некар Левен првпат да го крене победничкиот пехар, откако првенството го финишираа на врвот на табелата со еднаков број бодови како и конкурентот, но со подобра гол-разлика за само два гола !

Во завршната 34. бундеслигашка рунда Кил го демолираше Фухсе Берлин со 37-23 и го симна од врвот долго водечкиот Рајн Некар, којшто славеше над Гумерсбах со 40-35, но недоволно за да ја реализира дамнешната желба да ги остави зад себе сите други во најсилната ракометна лига на светот. На „лавовите“ им недостигаа два гола.

Од Рајн Некар силно реагираат на системот на натпревари во Бундес Лигата, според којшто решава вкупната гол-разлика, но иако во случајов е жртва, ќе мора да се помири со утешното второ место и со фактот дека заедно со Кил наесен ќе игра директно во групите од Лигата на шампионите. Флензбург како третопласиран ќе игра квалификации, а бидејќи четвртопласираниот Хамбург нема добиено лиценца ниту за настап во германското првенство, многу е веројатно дека покрај петтопласираниот Фухсе Берлин во ЕХФ Купот ќе игра и Мелсунген, кој се пласираше на шестото место на бундеслигашката табела.