Косово

Вооружената драма во Косово заврши, убиени тројца напаѓачи

24.09.2023 21:57

Заврши вооружената драма во Косово. Во манастирот Бањска во моментов е мирно. Според последните информации, тројца од напаѓачите се убиени, петмина се уапсени. Српскиот претседател Вучиќ во обраќањето вечерва, посочи дека лицата биле Срби од Косово и реагирале на провокациите на косовскиот премиер. Тој порача дека Косово нема да го признаат. Курти обвини дека Белград е одговорен за нападот. Европската унија повика на дијалог...

Тројца Срби загинале на северот на Косово, двајца од нив од снајпер, двајца се тешко ранети, а се стравува дека е убиено и четврто лице, рече во обраќањето до нацијата претседателот Вучиќ. Го осуди убиството на косовскиот полицаец, а за случувањата го обвини Курти. Изрази жалење дека Србите на Косово не се воздржале на провокациите на Курти.

„Курти е единствениот виновник за се. И дел од меѓународната заедница која му помага. Тој е единствениот што сака конфликти и војна, неговата животна желба е да не вовлече во војна со НАТО. Жал ми е што тамошните Срби паднаа на неговите провокации. Наше е да направиме сè што можеме за да спречиме повеќе крвопролевање и да го зачуваме мирот. „Ние сме подготвени да разговараме. Но, никогаш нема ја признаеме независноста на Косово, ниту формално, ниту неформално, заборавите“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Косовската полиција потврди дека се уапсени пет лица, од кои едно е директно поврзано со пукањето, додека четворица од нив се осомничени за логистичка поддршка. Според полицијата, кај нив биле пронајдени радиостаници, муниција и оружје.

Премиерот Курти пак, го обвини Белград за инцидентот. Рече дека полицијата ги опколила напаѓачите. Групата броела 30-ина тешко вооружени.

„Нападите врз косовската полиција продолжуваат, има најмалку 30 тешко вооружени луѓе, војска и полиција, кои се опколени од косовската полиција. Денеска е тежок ден за нашата земја. Го осудуваме овој терористички напад. Злосторството е финансирано од официјален Белград. Ние го штитиме и спроведуваме законот и независно Косово“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.

Блокиран беше влезот во селото, а затворени за сообраќај се и административните премини Јариње и Брњак.

„Имавме повик, на човек му се слоши во село бањска, но полицијата не нè пушта кај него. Човекот може да умре во секој момент, не можеме да стигнеме“, рече возач на брза помош.

Амбасадорот на САД во Косово и високиот претставник на ЕУ Борел, го осудија нападот и ги повикаа сите страни да работат на деескалација на состојбата. Борел рече дека е неопходно да се утврдат фактите и оти одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

Групата вооружени лица го напуштила манастирот Бањска, соопштија од Рашко-Призренската епархија на СПЦ. Во дворот и пред капијата на манастирот е распоредена косовска полиција и припадници на ЕУЛЕКС. Посочија дека ситуацијата е мирна, иако сè уште владеела неизвесност и загриженост меѓу монасите и затекнатите 50-на верници. Од епархијата додаваат дека засега во конакот на манастирот ќе останат и верниците, кои во текот треба да дадат искази на косовската полиција во врска со денешните настани.

Ситуацијата стана тензична откако утрово во косовското село бањска беше убиен косовски полицаец, а уште двајца беа повредени.

 

Наташа Гркова-Петрушевска