Силно невреме го зафати Скопје

25.05.2014 23:31

Невремето го отежна сообраќајот, а дел од граѓаните пријавиле и поплавување на подрумски простории...

Силно невреме вечерва го зафати Скопје, во кое поплавени се повеќе сообраќајници. Големото количество дожд поплави повеќе улици во Скопје, а најстрашна беше глетката под „Стоковна куќа Мост“, каде беа поплавени неколку автомобили.
 
Дел од улиците во центарот на градот беа побелени од градот што паѓаше со големина на грашок. Невремето го отежна сообраќајот, а дел од граѓаните пријавиле и поплавување на подрумски простории.
 
Се одржа и итен состанок на оперативното тело на Владата и град Скопје за координација и справување со поплавите, во просториите на град Скопје. Кризниот штаб ќе го води министерот Миле Јанакиески. После состанокот градоначалнкиот на Скопје, Коце Трајановски изјави дека ситуацијата е под контрола и дека екипите веќе се на терен да се справат со штетите од невремето. 
 
На координативната средба беа присутни сите директори на јавните претпријатија како и Дирекцијата за заштита и спасување. Ги лоциравме главните кризни точки. Сите расположливи средства се на терен, најкритично е кај Стоковната куќа мост, булеварот „Киро Глигоров“, од Битпазар спрема Континентал, во Газибаба, подвозникот накај Пржино, булеварот Кочо Рацин. Ќе се справиме со оваа ситуација, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. 
 
Министерот Јанакиески изјави дека засега нема пријави за поголеми штети и повредени лица, но дека ситуацијата се следи и оти граѓаните можат да се јавуваат на отворените линии во министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи. Тој додаде дека се постојано во координација.
 
Апелираше дека секој што е загрозен да пријави на телефоните за пријавување непогоди предизвикани од поплавите во Скопје  02 3073010, 02 3297295, 02 3297204.
 
Од невремето има прекини и во снабдувањето со електрична енергија и вода.