регион

Ден на жалост во Косово, состојбата и натаму тензична

25.09.2023 09:56

Сè уште тензична состојбата на Косово по убиството на припадник на косовската полиција во напад кај Бањска во Лепосавиќ. Косовските власти прогласија Ден на жалост. Приштина и Белград со меѓусебни обвинувања. Меѓународната заедница повика на итна деескалација...

Ден на жалост на Косово. Безбедносната состојба сè уште тензична откако вчера еден припадник на косовската полиција беше убиен, а друг ранет во напад од непознати маскирани лица во Општина Лепосавиќ. Косовската полиција синоќа соопшти дека се убиени тројца, а уапсени двајца напаѓачи и четворица осомничени за нелегално поседување радиокомуникации, а се сомничат и за поврзаност со терористичка група од 30 луѓе. При контрола на одредени локации, пронајдено е арсенал оружје. Премиерот Курти претходно го обвини Белград за инцидентот.

„Има ранети напаѓачи и тројца од нив беа убиени, а некои уапсени. Верувајте дека следната истрага ќе ни даде повеќе информации за тоа кои се тие точно, како влегле во Косово, кога и кој дал наредби за овој неуспешен обид за дестабилизација на Република Косово“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Српскиот претседател Вучиќ рече дека косовскиот премиер е виновен за сè што се случува во Косово.

„Иако секој ден ги предупредував Брисел и Њујорк дека може да дојде до сево ова, многумина не сакаа да слушнат. Не Србите од централна Србија, како што лажеа во приштинските медиуми. Никогаш нема да ја признаеме независноста на Косово. Можете да не убиете сите и да правите што сакате. Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово, тоа чудовиште што го направивте со бомбардирањето на Србија“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Амбасадорот на САД во Косово и високиот претставник на ЕУ Борел, го осудија нападот. Тензиите на северот во Косово почнаа од мај, кога општините на северот, претежно населени со Срби, не дозволија новите градоначалници Албанци да влезат во општинските згради. Меѓународната заедница со месеци бара од Косово да работи на смирување на тензиите.

 

Маријана Димовска