Шаќири се обрати на осмата сесија на Охридската школа на природно право
Во организација на Центарот за стратегиски истражувања Ксенте Богоев“ при МАНУ, со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, од денес во следните пет дена во Охрид се одржува осмата сесија на Охридската школа на природно право...

Во организација на Центарот за стратегиски истражувања Ксенте Богоев“ при МАНУ, со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, од денес во следните пет дена во Охрид се одржува осмата сесија на Охридската школа на природно право, на тема „Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст невладеење на правото“, на која учествуваат 20 постдипломци и 5 докторанти од државните и приватните факултети во Северна Македонија.
На отворањето на сесијата се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, честитајќи им на организаторите и посакувајќи им успешен едукативен процес на студентите, рече дека овие школи се исклучително важни, затоа што секогаш нудат можност да се слушне нешто поразлично и дополнително во контекст на студиските програми кои се изучуваат на факултетите.
„Верувам дека тука ќе стекнете многу нови знаења од еминентни предавачи, кои ќе ви помогнат да бидете уште подобри правници, успешни во примената на новините и она што е тема на школата – полесно да препознавате и да се справувате со организираниот криминал и корупцијата“, рече Шаќири, обраќајќи им се на учесниците на школата.
Тој ги советуваше студентите да продолжат да се водат по концептот на доживотно учење и да прифаќаат вакви дополнителни едукации, затоа што, како што рече, образованието е процес кој трае засекогаш, а не чин кој завршува во одреден момент и со стекнување на една диплома, стои во соопштението од МОН.
