регион

Тензично на Косово по убиството на полицаецот

25.09.2023 12:39

Ден на жалост во Косово по убиството на полицаецот на северот од земјата. Притворените напаѓачи ќе се гонат за тероризам. Ситуацијата мирна, но тензична. Приштина го обвини Белград дека е главен инспиратор и организатор на нападот, Вучиќ го впери прстот кон Курти за обид да ги втурне во судир со НАТО...

Безбедносната состојба на Косово сè уште тензична откако вчера беше убиен припадник на косовската полиција, а друг ранет во напад од непознати маскирани лица во општина Лепосавиќ. Во Бањска сè уште е забранет влез во селото. Затворени се административните премини Јариње и Брњак. Убиени се тројца од напаѓачите. Неколкумина се уапсени и се товарат за делото тероризам. При контрола на одредени локации, пронајден е арсенал оружје и радиостаници.

„Има ранети напаѓачи и тројца од нив беа убиени, а некои уапсени. Верувајте дека следната истрага ќе ни даде повеќе информации за тоа кои точно се тие, како влегле во Косово, кога и кој дал наредби за овој неуспешен обид за дестабилизација на Република Косово“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Косовската претседателка Вјоса Османи прогласи Ден на жалост во чест на полицискиот старешина Африм Буњаку, кој беше убиен во нападот на вооружена група на северот на земјата, соопштија од нејзиниот кабинет. По острите тонови на релација Белград – Приштина за обновените тензии на северот, српскиот претседател Вучиќ рече дека судирот е резултат на бруталниот притисок врз косовските Срби од страна на косовската влада.

„Иако секој ден ги предупредував Брисел и Њујорк дека може да дојде до сево ова, многумина не сакаа да слушнат. Не Србите од централна Србија, како што лажеа во приштинските медиуми, туку луѓето од Косово се побунија, луѓе кои повеќе не можат да го поднесат теророт на Курти. Никогаш нема да ја признаеме независноста на Косово. Можете да не убиете сите и да правите што сакате“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Меѓународната заедница будно ја следи состојбата. Вучиќ оствари средба со рускиот амбасадор во Србија. Амбасадорот на САД во Косово и високиот претставник на ЕУ Борел го осудија инцидентот. Побараа утврдување на сите факти за нападот. Тензиите на северот на Косово траат од мај, кога општините на север, претежно населени со Срби, не дозволија новите градоначалници Албанци да влезат во општинските згради. Меѓународната заедница со месеци бара од Косово да работи на смирување на тензиите.

 

Маријана Димовска