НАСА на земјата успешно донесе примероци од астероидот Бену
Капсулата „Озирис“ слета во западната пустина на американската држава Јута. Примероците се првите цврсти докази за создавањето на сончевиот систем пред 4,6 милијарди години...

Со вчудовидувачка педантност, како во филмовите со глобалните епидемии, се подготвува лабораторијата за тоа што на земјата го донесе „Озирис“, мисијата на НАСА. Од длабоката вселена, на далечина од 2,6 милијарди километри, атерираа остатоците од астероидот Бену. 250 грама од карпите на Бену се првите кои воопшто слетале на планетава преку вселенска мисија организирана од човекот.
„Ова е неверојатно. Набрзо ќе слушнете кои се нашите следни чекори и што ќе направиме со овие примероци. Тие се научно богатство за нашите деца и за правнуците кои сè уште не се родени“, изјави Лори Глејз – директор на планетарната научна група на НАСА.
„Капсулата не отскокна, не се преврте, имавме безбедно спуштање. Само направи мала дупка во почвата од која потоа зедовме примерок за секој случај доколку некаков гас или нешто друго излегло од капсулата. Пораснав како лабораториски хемичар на НАСА студирајќи метеори и метеорити, но според мене, вистинската наука почнува сега. Главната цел на програмата е дали на астероидот има јаглерод со што би се создал составот што би бил основа на потеклото на животот на нашата планета“, нагласи Данте Лаурета-главен истражувач со мисијата „Озирис“.
„Со нас е цел тим инженери, научници и персонал за одржување кои се грижат за чистотата на лабораторијата овде, во Дагвеј. Оттаму ќе ја префлиме во вселенскиот центар „Џонсон“, ќе ја отвориме и ќе го откриеме богатството“, рече Ејлин Стансбери – раководител на научниот тим на НАСА.
Капсулата „Озирис“ слета во западната пустина на американската држава Јута. Примероците се првите цврсти докази за создавањето на сончевиот систем пред 4,6 милијарди години. Астероидот Бену го нарекуваат најопасната карпа во вселената поради можност да ја погоди земјата во наредните 300 години.
Зоран Богатинов