Се санираат штетите од невремето во Скопје

26.05.2014 09:21

Расчистен е теренот по вчерашното силно невреме што го зафати Скопје. Се санираат штетите предизвикани од поројните дождови. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета. Надлежните до раните утрински часови преземаа соодветни мерки. Заседаваше и координативното тело...

По вчерашното невреме останаа штетите по силното поројните дождови што го зафатија главниот град. Синоќа во рок од само 20-тина минути, улиците се претворија во реки, град голем колку џамлии ги побеле тротоарите. Меѓу поплавените беше и куќата на Чедомир во скопска Ќерамидница. Вода во подрумот и дел од куќните простории.

„Цел сум поплавен, со три септички јами, се е полно. За 100 метра не ја поврзаа канализацијата“, вели Чедомир.

Најтешко и најризично беше кај подвозниците. Кај Стоковната куќа Мост имаше вода над еден метар, слична беше ситуацијата и на повозникот кај Козле. По Булаеварот Србија се слеваше вода, на колони возила им требаа скоро 45 минути да минат три километри. Полицијата ги затвори непроодните улици, возачите се снаоѓаа по тротоарите. Брзата реакција на надлежните не успеа да го спаси ова возило. Остана заглавено во над еден метар вода, сопствениците се извлекувале преку прозорецот.

„Илеговме преку прозор, се снајдовме некако, добро е што сме живи и здрави“, вели сопственикот на возилото.

Едно возило на подвозникот кај булеварот Војводина – поради намалена видливост не успеал да ја процени длабочината. За среќа брзо успеал да го извлече своето семејство.

„Бидејќи бев со фамилијата успеав да се снајдам, одеднаш ги извадив, за 5 минути се поплави колата“, вели другиот сопственик на поплавеното возило.

Поплавен беше и Градскиот трговски центар, а свлечиште во градежна дупка повлече неколку автомобили во Ново Лисиче. Бројот 195 се вжешти од јавувања на граѓани. Надлежните брзо реагираа на алармантната состојба и веднаш по итниот состанок на кризниот штаб се упатија на теренот.

„На координативната средба беа присутни сите директори на јавните претпријатија како и Дирекцијата за заштита и спасување. Ги лоциравме главните кризни точки. Сите расположливи средства се на терен, најкритично е кај Стоковната куќа мост, булеварот „Киро Глигоров“, од Битпазар спрема Континентал, во Газибаба, подвозникот накај Пржино, булеварот Кочо Рацин. Ќе се справиме со оваа ситуација“, изјави Коце Трајановски, градоначалник на град Скопје.

Според управата за хидрометеоролошки работи, паднале 37 литри дожд на квадратен метар.

 

Ивана Салтировска