Пенов: Во Демир Капија годинава инвестираме за подобра инфраструктура
Пенов истакна дека речиси и да нема општина во државата која нема своја посебност којашто треба да се искористи, да се вложи во тој потенцијал за да можат да се направат позитивни промени...

Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој во континуитет, секоја година финансиски поддржуваме над 100 проекти за развој на планските региони, на општините и на селата. Пример е овој проект за реконструкција на улицата Партизанска во Демир Капија. Министерството за локална самоуправа го финансира проектот со 10.7 милиони денари, а и општината има сопствено учество од 2 милиони денари, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов кој денеска беше во посета на Општина Демир Капија.
„Ја поздравувам иницијативноста на градоначалникот Лазар Петров, има идеи а и вложува максимални напори за нивна реализација. За тоа зборува и учеството со сопствени средства во проектот. Позитивните промени се очигледни и тој тренд треба да продолжи. Важно е општините да ги имаат идентификувано сопствените потреби и проектите кои што ќе го поттикнат развојот преку искористување на сопствените потенцијали“, рече министерот Пенов.
Пенов истакна дека речиси и да нема општина во државата која нема своја посебност којашто треба да се искористи, да се вложи во тој потенцијал за да можат да се направат позитивни промени.
„Демир Капија е мала општина со одлична местоположба и голем природен потенцијал. Овој потенцијал треба да се искористи и да се стави во функција на развојот на општината и нa регионот. Шансата е во транзитниот и во винскиот туризам, а за тоа е неопходно општината да ги подобри и своите перформанси, подобра инфраструктура и повеќе вложувања во сопствените предности“, додаде министерот.
Министерот за локална самоуправа ја истакна улогата на локалните власти, како главни промотори и поттикнувачи на локалниот развој, преку добро планирање на развојните потреби и можности на општината, добро подготвени проекти добри и подготвеност да аплицираат за средства од централниот буџет, но и од донаторите.
