Продолжуваат тензиите на Косово, меѓународниот фактор бара деескалација на кризата
Ден на жалост во Косово по убиството на полицаецот на северот од земјата. Притворените напаѓачи ќе се гонат за тероризам. Ситуацијата мирна, но тензична. По жестоките обвинувања меѓу Белград и Приштина, меѓународниот фактор бара деескалација на кризата…

Белград и Приштина да се вратат на решавање на проблемите преку дијалог и да работат на смирување на тензиите во северниот дел на Косово, порака од Брисел. ЕУ го осуди вчерашниот напад врз косовската полиција во Бањска. Истрагата за нападот сè уште е во тек и се работи на утврдување на фактите, а кога ќе биде завршена, Унијата ќе заземе конкретен став.
„Мора да најдеме излез од постојаната криза и да се вратиме на нормално решавање на проблемите, преку дијалог. Итно е потребна деескалација. Позицијата на Европската унија е јасна. ЕУ е олеснувач во дијалогот на двете страни“, изјави Петар Стано-портпарол на Европската комисија.
Специјалниот претставник на ЕУ, Лајчак, на состанок со претставници од петте земји од Квинтата. Вучиќ оствари средба со рускиот амбасадор во Србија. Од Кремљ велат дека ситуацијата е потенцијално опасна.
„Ситуацијата е исклучително тешка. На Косово гледаме прилично традиционално пристрасен однос кон Србите. Ова е традиционална неурамнотежена линија. Ситуацијата таму е навистина многу, многу тензична и потенцијално опасна“, вели Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.
Безбедносната состојба на Косово сè уште тензична откако вчера беше убиен припадник на косовската полиција, а друг ранет во напад од непознати маскирани лица во општината Лепосавиќ. Убиени се тројца од напаѓачите. Неколкумина се уапсени и се осомничени за тероризам. При контрола на одредени локации, пронајден е арсенал на оружје и радиостаници. Според аналитичарите, целта на инцидентот е да се создаде хаос и нов центар на криза на Балканот. Напаѓачите од Бањска добија и име: Северна Бригада.
„Целта на оваа група беше да предизвика хаос и повторно да го претстави Косово како убиец на српската заедница. Меѓу напаѓачите можете да најдете различни инструктори на специјалните единици, но и Руси кои се вклучени во сите овие операции, бидејќи од минатото знаеме дека овие групи соработуваат меѓу себе“, изјави Агим Муслиу-директор на институтите ОКТОПОД за студии за хибридна војна.
Косовската претседателка Вјоса Османи прогласи Ден на жалост во чест на полицискиот старешина Африм Буњаку, кој беше убиен во нападот на вооружена група, соопштија од нејзиниот кабинет. Состојбата во северно Косово бележи повеќе инциденти по повлекувањето на Србите од последните локални избори и назначувањето на градоначалници Албанци.
Маријана Димовска
