Македонија

Измените на Кривичниот законик се донесени нетранспарентно и без консултации, велат Георгиев и Јолевски

25.09.2023 15:19

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со забелешки за измените на Кривичниот законик. Првите луѓе на двете тела забележаа на нетранспарентност на процесот. Велат, никој од нив не побарал мислење...

Првите луѓе на Судскиот и на Советот на јавни обвинители, Георгиев и Јолевски, се пожалија дека не биле консултирани за измените на Кривичниот законик. За измените, особено во намалувањето на казните за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, сè уште не стивнуваат реакциите. Според двајцата претседатели, процесот не бил транспарентен. Не побараа, иако Советот требаше да даде свое мислење и анализи, рече Георгиев.

„Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на тоа дека сето тоа се спроведе некако набрзина, без притоа да имаме свое учество, односно мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше транспарентна постапка каде ќе се слушнеше и нашето мислење во однос на какви било измени“, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Јолевски смета дека измените на Кривичниот законик е најдобро да ги коментираат оние кои ги работат предметите. Посочи дека прескокнувањето на практичарите многу штети при донесувањето на законот. Кај нас, во Советот, се праќаат закони за да дадеме мислење за нив, како на пример за Законот за кривична постапка, но овие измени не го добивме за консултација-рече Јолески.

„Советот на ЈО не учествуваше и не ги разгледуваше измените на КЗ и за нив треба ставот да го каже ЈО, оти тие по хиерархија и субординација се практичарите, тие кои ги работат предметите и тие ќе дадат најдобра анализа како измените ќе се одразат во нивното работење. Тие можат да кажат со бројки и конкретни податоци, а ние како Совет не постапуваме по предмети, туку само по претставки и поплаки и се грижиме за самостојноста во работењето на обвинителите“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Јолески.

Судскиот совет и Советот на ЈО денеска потпишаа меморандум за соработка во неколку области кои се од заеднички делокруг на работењето.

Наташа Гркова-Петрушевска