Безбедност

Димовски: Состојбата во Косово е критична, институциите будно да ја следат

25.09.2023 15:28

Ситуацијата во Косово со голема внимателност се следи во земјава. Од Владата велат дека се во постојана комуникација и координација со нашите сојузници и стратешки партнери. Скопје бара Белград и Приштина да се вратат на дијалогот додека не биде предоцна, а безбедносните експерти повикуваат на внимателност …

Состојбата во Косово е на критично ниво, предупредува професорот од Факултетот за безбедност Злате Димовски. Според него, тензиите меѓу Белград и Приштина се разгоруваат зашто отсуствува политичко решение на проблемот, а дијалогот е заглавен во ќор-сокак. Тој ги повика сите институции задолжени за безбедноста будно да ја следат состојбата.

Професорот Димовски смета дека ситуацијата има тенденција да се влошува, особено ако нема поистакната дипломатска активност за враќање на дијалогот и брза имплементација на договореното. Димовски порачува дека нашите безбедносни и разузнавачки органи заедно со земјите од регионот мора да разменуваат податоци за локацијата или движењето на какви било групи, прикриени ќелии или борци, кои би транзитирале од нашата и од косовската страна на границата, за да се превенираат можни конфликти на терен.

Професорот Димовски вели дека нецелосното спроведување на околу 40 договори, постигнати од 2011-та, кога почна дијалогот Белград – Приштина, создава фрустрации кои може да прераснат во сериозен воен конфликт.

Игор Панов