Одбрана

Безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина

25.09.2023 15:57

Министерката за одбрана Петровска ги осуди настаните во Косово и нападот врз тамошната полиција. Таа повика двете страни да се вратат на дијалогот додека не биде предоцна …

Безбедносната ситуација во Македонија е стабилна и последниот напад врз косовската полиција нема да ја загрози, оцени министерката за одбрана Петровска. Таа, заедно со нејзиниот гостин, министерот за одбрана на Норвешка, Грам повикаа на дијалог меѓу двете страни за намалување на тензиите.

Посочија дека секое нарушување на безбедноста во регионот негативно влијае на сите држави. Токму заради зголемените тензии на северот од Косово, НАТО неодамна испрати дополнителни 700 војници во мисијата КФОР.

САД поддржуваат исполнување на договорот меѓу Приштина и Белград за стабилизирање на ситуацијата на Косово. Американските војници коишто сè уште се најбројни во мисијата на алијансата, КФОР ќе продолжат да даваат асистенција за намалување на тензиите. Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал Најт посочи дека КФОР ќе остане на Косово до кога е потребно.

Припадниците на Националната гарда на Вермонт и на македонската Армија имаат спроведено голем број на заеднички обуки во кои досега учествувале над 1.800 македонски војници.

Посетата на командантот на Националната гарда на Вермонт е по повод 30-годишнината на соработката во областа на одбраната.

Ирина Гелевска